Креветите на спрат се идеално решение за детските соби од две причини:
Прво, во простор за еден ќе поставите два кревети;
Второ, децата едноставно ги обожаваат.
Таквите кревети, сепак, понекогаш предизвикуваат сомнеж кај родителите во однос на безбедноста. Со соодветна поставеност и договор со децата повеќе нема да има шанси за некаква повреда.
Каде да го поставите креветот на спрат?
Најдобро и најбезбедно е креветот на спрат да го поставите во аголот на собата. Така, двете страни од креветот ќе ги заштитите со ѕидовите, а третата е веќе заштитена со оградата на горниот кревет. На овој начин спречувате случајни паѓања во сон.
Други мерки на претпазливост
Заштитна ограда - Доколку вашиот кревет на спрат нема заштитна ограда за горниот кревет, тогаш тоа мора да го обезбедите. Одвреме-навреме проверувајте дали е добро прицврстена. Оградата мора да биде најмалку 15 сантиметри над горната површина на душекот.
Летвички - Ако креветот на спрат е од дрво, душекот веројатно лежи на летвички. Кај некои производители тие не се прицврстени. Најдобро е да ги прицврстите или залепите, бидејќи со нивното поместување душекот може да ја изгуби потпората.
Скали - Проверете дали скалите се сигурни и безбедни. Обрнете им го вниманието на децата да не се обидуваат да се качуваат на друг начин, туку само со помош на скала.
Осветлување – Се препорачува детето кое спие на кревет на спрат да има некаков облик на ноќно осветлување, како што е ламба за читање, за да може полесно да се спушта во текот на ноќта ако чувствува потреба.
Креветите на спрат се практични, убави и безбедни како и сите други детски кревети доколку се користат во согласност со нивната намена.